Битола како жив музеј: Османлиското наследство што сѐ уште дише низ градот

од March 20, 2026 0 коментари

Битола не е само град, таа е жива историја. Низ нејзините улици, чаршии и објекти и денес може да се прочита приказната за времето кога била еден од најзначајните центри на Балканот во османлискиот период.

Во срцето на ова наследство се наоѓаат трите најзначајни и најпрепознатливи џамии во градот, Хајдар Кади џамијата, Исак џамијата и Јени џамијата.

Хајдар Кади џамијата, изградена во 16 век, претставува еден од најрепрезентативните споменици од тоа време, со архитектура која се поврзува со школата на Мимар Синан. Со својата монументалност и елеганција, таа е симбол на османлиската архитектура во Битола.

Исак џамијата, пак, е една од најстарите во градот и сведочи за раниот развој на Битола како важен административен и духовен центар.

Јени џамијата, позната по својата убавина и впечатлива архитектура, денес има културна намена и претставува дел од современиот уметнички живот на градот.

Но животот во Битола во тоа време не се одвивал само околу верските објекти.

Старата чаршија била економското срце на градот, место каде се сретнувале трговци, занаетчии и патници. Во нејзиното јадро се наоѓа Безистенот, покриен пазар кој бил центар на трговијата.

Посебно место имале амамите – Јени амамот во Ат Пазар, Керим Бег амамот, како и Дебојскиот амам. Тие биле дел од секојдневниот живот и урбаната култура.

Образованието било концентрирано во објекти како Идадијата, денешниот Завод и Музеј, додека гимназиското образование во некогашната куќа на Сали Паша, денешна СОУ Ј.Б.Тито каде се продолжи традицијата на Битола како културен центар.

Воениот аспект на градот се гледа преку Џепането и подоцнежниот Офицерски дом, кои сведочат за значајната стратешка улога на Битола.

Градската слика ја надополнуваат беговските куќи, кои можат да се видат и во старите маала покрај Драгор и долж Широк Сокак, како симбол на урбаниот живот и тогашната елита.

Низ градот тече и реката Драгор, чие корито низ времето било уредувано и приспособувано на развојот на Битола во османлискиот период.

Сите овие објекти, од џамии и чаршии, до училишта, амами и куќи ја прават Битола уникатен град каде историјата не е само минато, туку и дел од секојдневието.

Babam Bitola

Comments are closed.