Битола, градот кој со децении го живее ракометот, доби уште една добра спортска вест. Акционерите на „Платформата за ракометна Битола“, Општина Битола и Еурофарм, денес официјално го продолжија договорот за соработка, обезбедувајќи стабилна иднина за ракометот во градот.

Договорот го потпишаа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, и претседателот на клубот и на компанијата Еурофарм, Зоран Стерјев. Потпишувањето се одржа во спортската сала Боро Чурлевски, во симболичен амбиент кој ја претставува ракометната традиција на градот.

Со новиот договор се продолжува партнерството во рамките на „Платформата за ракометна Битола“, а акционерите го потпишаа веќе третиот договор во оваа соработка. Со оглед дека претходниот договор истекува со завршувањето на актуелната сезона, со новото потпишување се обезбедува сигурна иднина, стабилен буџет и конкурентен тим за наредниот период.

Претставниците на акционерите изразија задоволство од продолжувањето на соработката, нагласувајќи дека заедничката цел останува иста, силен и успешен тим на Еурофарм Пелистер, кој ќе продолжи да ги радува навивачите и да се бори за нови победи и титули.

Пораката е јасна, ракометот останува гордост на Битола, а поддршката за клубот продолжува со иста сила, на радост на зелената армија навивачи.