Битола за првпат домаќин на „Чкембе Фест“ – три дена посветени на традицијата, гастрономијата и добрата забава

од • September 21, 2026 • 0 коментари

Од 9 до 11 октомври 2026 година, Битола за првпат ќе биде домаќин на „Чкембе Фест Битола 2026“ – тридневна манифестација која ќе ги спои традиционалната битолска и балканска кујна, културата, туризмот и забавата.

Фестивалот го организираат Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „Гурман Плус“ – Битола и Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ – Битола, со поддршка од Општина Битола.

Организаторите најавуваат гости и учесници од Македонија и регионот, меѓу кои претставници на угостителски и хотелски објекти, туристички организации, здруженија, образовни институции, како и професори и експерти од областа на гастрономијата и туризмот.

Три дена – три различни приказни

Првиот ден ќе започне со јавна трибина на тема „Балканска кујна – традицијата и актуелните тенденции во угостителството и гастро туризмот во Македонија“, на која свои презентации ќе имаат професори и експерти од областа на културниот туризам, гастрономијата и угостителството.

Вториот ден е резервиран за она што веројатно ќе привлече најголемо внимание кај битолчани, гастрономските натпревари во подготовка на јадења од чкембе.

Ресторани, хотели, здруженија, образовни институции и други натпреварувачи ќе ги покажат своите кулинарски вештини, а посебно место ќе има традиционалната чкембе чорба. Подготвените специјалитети ќе ги оценува стручно жири, а можност за дегустација ќе имаат и посетителите.

Третиот фестивалски ден е предвиден за „Инфо тура“ низ Битола за гостите од регионот и учесниците на натпреварите, со што фестивалот ќе добие и туристичка димензија.
Не само чкембе, туку битолска атмосфера

„Чкембе Фест“ е замислен како многу повеќе од гастрономски натпревар. Во рамките на тридневната програма се најавуваат изложби, фолклорни ансамбли, естрадни уметници, презентации на органска храна, ракотворби инспирирани од македонското културно наследство и други придружни содржини.

Целта е преку храната да се раскаже приказната за традицијата и обичаите на ова поднебје, но истовремено Битола да се промовира како дестинација за гастрономски и културен туризам.
Организаторите очекуваат првото издание да биде почеток на манифестација која во следните години ќе прерасне во традиционален меѓународен фестивал и ќе привлекува сè поголем број гости од Балканот и пошироко.

Воедно, упатен е повик до компании, организации и сите заинтересирани да ја поддржат манифестацијата преку партнерство, логистичка и техничка помош, промоција на македонската традиција и активности за вклучување на младите во зачувувањето на културното наследство.

А мотото на првиот битолски „Чкембе Фест“ најдобро ја опишува идејата:
„Од котлето на традицијата до иднината на гастрономскиот туризам.“

Babam Bitola

Comments are closed.