Општина Битола и Спортскиот клуб „Специјална олимпијада – Битола“ потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува долгорочно и стратешко партнерство насочено кон унапредување на спортската инклузија и квалитетот на живот на лицата со интелектуални попречености.

Со Меморандумот, потпишан од градоначалникот Тони Коњановски, Општина Битола обезбедува институционална, логистичка и организациска поддршка за спортските програми и настани на клубот, користење на спортските објекти согласно општинските услови и процедури, како и поддршка во промоција на инклузивни спортски активности, јавни кампањи и локални политики за еднакви можности.

Спортскиот клуб „Специјална олимпијада – Битола“, предводен од претседателката Ана Котевска, ќе реализира тренинзи, програми и натпревари според меѓународните стандарди на „Специјална олимпијада“, со посебен фокус на активно вклучување и афирмација на лицата со интелектуални попречености, како и соработка со општинските институции, образовните установи и спортските субјекти.

Меморандумот се склучува на период од четири години, со можност за продолжување, и предвидува заедничка организација на спортски манифестации и јавни настани, подигање на јавната свест за инклузивните вредности, поддршка на тренери и волонтери и создавање одржливи услови за развој на програмите на „Специјална олимпијада“ во Битола.