​Да го одбележиме ослободувањето на Битола од фашистичката окупација со текст на борецот и учесникот во тие настани Гоце Поповски и неговото раскажување на 4ти Ноември 1981:

„Сурово и студено, четириноемвриско утро. Сув иглест студ ти продира во градите, а внатре гори ли гори. Од длабината на душата вулкански надоаѓа некоја лавина, чиниш ќе ти пукне срцето. Очите залутале насекаде, секого сакаат да препознаат, а никого не познаваат. Гледаш а слеп си. Ти се чини дека секој лик е твој, го знаеш… сакаш да го прегрнеш и расплакан на неговото рамо силно да викнеш СЛОБОДА! Битола е слободна! 

 “Majko жив сум! “ иако ме мислеше дека бев умрен, загинат. Го стегам срцето да не излезе од градите, го стегам знамето на мојата бригада – Седмата ударна македонска бригада – и гордо чекорам пред  Бригадата, по улицата Прилепска, потоа по 4 Ноември, Маршал Тито … се до касарната ,, Стив Наумов ’’ каде го закачив знамето гордо да се вее.  Битола е слободна.  –  го започна сеќавањето за 4 ноември 1944 година Гоце Поповски, борец на Седмата македонска ударна бригада. 

Триесет и девет години поминаја од тој ден, од тој 4 ноември 1944 година, од тоа сиво,сурово и студено утро кога Седмата македонска бригада топло пречекана од своите сограѓани влезе во Битола, донесувајќи ја, тогаш за народот сеуште несфатливата, а со крв и коски платена вистина:  Битола дека е слободна. Изминаа триесет и девет години од слободарскиот 4 ноември кога знаменосецот, а денес нашиот предпразничен соговорник Гоце Поповски, го развеа знамето на Седмата македонска ударна бригада, над касарната ,, Стив Наумов ‘’ во слободна Битола. Кога и денес по 39 години Гоце Поповски зборува за тој ден, кај него чиниш нешто повторно зоврива и преврива, се сеќава на настаните како да биле вчера, денес а не пред токму 39 години.

– Еден ден пред слободарскиот 4 ноември, од штабот на Бригадата добив задача, заедно со уште двајца борци да слезам во Битола и да ја извидам ситуацијата. Во Пожарната, наспроти мојата куќа сите ме познаваа. Германците се повлекуваа преку патот за Ресен, Охрид , Дебар за Албанија  –  но ги минираја зградите ми рекоја пожарникарите. Истото ми го рекоја и во селото Крклино. Оние Германци кои беа сеуште во Битола беа сместени во Дивизијата, Касарната, ги имаа запоседнато улиците Булевар 1-ви Мај, каде јас живеев и сеуште живеам, Маршал Тито… За сето ова го известив Штабот на бригадата – ни вели Гоце Поповски. Утрото на 4 ноември Бригадата изврши распоред и неколку баталјони го контролираа повлекувањето на непријателските војници. Кога влеговме во Битола, Битола ја беше напуштил и последниот Германец. За среќа остана Германецот Ото кој знаеше и ни кажа кои се згради се минирани, и набрзо сите мини беа демонтирани.

Низ битолските улици многу народ. Се пее, игра, плаче. Пред народниот театар дилириум од воодушевување. На сите лица среќа и радост, солзи радосници. Битола конечно ја доби долгоочекуваната слобода  – го заврши своето сеќавање Гоце Поповски, учесник во НОВ од 1943 година, борец на Втората и Седмата македонска ударна бригада, одликуван со орден за храброст, орден заслуги за народ, орден за братство и единство.„
Воедно му се заблагодаруваме на неговиот внук Гоце Поповски за испратениот текст на Менде Младеновски од најверојатно Битолски весник

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here