Битола домаќин на две државни првенства: ППК Пелагонија со вкупно 15 медали и одличен настап на младите

од May 4, 2026 0 коментари

Изминатиот викенд Битола беше центар на пинг понгот во Македонија, каде се одржаа две Државни првенства во категориите јуниори до 19 години и кадети до 15 години, во дисциплините поединечно, двојки машки, двојки женски и мешани двојки.

Во саботниот натпреварувачки ден, резервиран за јуниорите до 19 години, членовите на ППК Пелагонија настапија со голема желба и борбеност, но овојпат среќата не беше целосно на нивна страна. Сепак, клубот се закити со два бронзени медали. Дарко Китановски, во пар со Андреј Стојановски од АС Ѓорче Петров, освоија трето место во машки двојки. Во женска конкуренција, Ива Трајковски заедно со Моника Стајковска освоија бронзен медал во дисциплината двојки.

Вториот ден, посветен на кадетите до 15 години, донесе далеку поголем успех за ППК Пелагонија. Претставниците на клубот освоија вкупно 13 медали во сите пет категории, што го направи клубот еден од најуспешните на првенството.

Најистакната беше Калина Митева, која освои три втори места и три сребрени медали, во поединечно женски, двојки женски и мешани двојки. Натали Бејковска исто така имаше одличен настап со освоени три медали, бронзен во поединечно женски, сребрен во двојки женски и бронзен во мешани двојки.

Ива Трајковски освои уште два бронзени медали, во двојки женски и мешани двојки, со што го надополни својот успешен викенд.

Во машка конкуренција, Кристијан Митев освои три медали, бронзен во поединечно машки и два сребрени медали во двојки машки и мешани двојки. Андреј Бејковски се закити со два медали, сребрен во двојки машки и бронзен во мешани двојки.

Солиден впечаток оставија и младите претставници Марко Макаријоски и Андреј Сивев, кои покажаа потенцијал за идни успеси.

Иако малку недостасуваше за освојување и на златен медал, од ППК Пелагонија изразуваат задоволство од постигнатото и упатуваат честитки до сите свои натпреварувачи за борбеноста и посветеноста.

Babam Bitola

Comments are closed.