Битола оваа есен ќе биде домаќин на нова и несекојдневна гастрономска манифестација. Од 9 до 11 октомври 2026 година, за првпат ќе се одржи „Чкембе фест Битола 2026“, фестивал посветен на традиционалната кујна и кулинарските вештини карактеристични за ова поднебје.

Организатори на настанот се Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „Гурман Плус“ Битола и Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ Битола, со поддршка на Општина Битола.

Фестивалот има за цел да ги афирмира македонските обичаи и традиции преку гастрономијата, со посебен акцент на подготовката на традиционални и автентични јадења од чкембе. Организаторите најавуваат учество на голем број гости и посетители од земјата и регионот, меѓу кои здруженија на граѓани, туристички организации, угостителски објекти, образовни институции и врвни експерти од областа на гастрономијата.

Настаните ќе се одвиваат на атрактивни и фреквентни локации во градот, пред Културно-информативниот центар и на Широк Сокак. Програмата ќе биде збогатена со изложби, настапи на фолклорни ансамбли и естрадни уметници, како и презентации на органска храна и ракотворби инспирирани од македонското културно наследство.

Организаторите истакнуваат дека „Чкембе фест Битола“ има потенцијал да прерасне во традиционална меѓународна манифестација, која во иднина ќе привлече учесници и посетители од повеќе земји, дополнително позиционирајќи ја Битола како препознатлива туристичка и гастрономска дестинација.

Од Иницијативниот организационен одбор упатуваат покана до сите љубители на добрата храна, традицијата и дружењето да бидат дел од првото издание на фестивалот и заедно да придонесат кон создавање на нова културна приказна за градот.

