Битола го роди големиот југословенски актер: Слободан Алигрудиќ, човекот чии улоги останаа безвременски

од May 14, 2026 0 коментари

Малкумина знаат дека еден од најголемите актери на југословенската кинематографија, Слободан Алигрудиќ, е роден токму во Битола. На 15 октомври 1934 година, во градот на конзулите, започнала животната приказна на човекот кој подоцна ќе остави неизбришлива трага во филмот, театарот и телевизијата на поранешна Југославија.Алигрудиќ израснал во актерска величина чии улоги и денес се сметаат за антологиски. Неговата кариера започнала во 1955 година, а низ децениите станал препознатлив по силниот актерски израз, длабоката емоција и впечатливите ликови што ги толкувал.Особено остануваат запаметени неговите улоги во култните филмови Сјећаш ли се Доли Бел, каде го игра болниот татко на главниот лик, потоа во Отац на службеном путу, филм кој ја освои престижната Златна палма во Кан, како и во легендарните остварувања Ко то тамо пева, Вариола вера, Национална класа и многу други.Публиката го памети и преку телевизиските серии Камионџије, Сиви дом, Повратак отписаних и Позориште у кући, каде неговото присуство на екранот секогаш носело посебна тежина.Покрај филмот, бил еден од столбовите на белградскиот Атеље 212, заедно со великани како Зоран Радмиловиќ, Бата Стојковиќ и Бора Тодоровиќ, создавајќи го препознатливиот „атељеовски дух“ што остана легенда во југословенскиот театар.Во летото 1985 година, додека престојувал на море во Хрватска, Алигрудиќ ненадејно починал на само 50 години, не дочекајќи го својот 51 роденден. Неговата смрт доаѓа само неколку недели по заминувањето на неговиот близок колега Зоран Радмиловиќ, поради што тогашните филмски критичари симболично говореле дека „рајот добил големо актерско засилување“.Битола денес со гордост може да се потсети дека токму овој град му бил родно место на актерот чии улоги и денес живеат, а неговото име останува запишано меѓу најголемите во историјата на југословенската кинематографија.

Babam Bitola

Comments are closed.