Денес, 2 април – Светскиот ден на свесноста за аутизмот, беше одбележан и во Битола, каде ОУРЦ „Кочо Рацин“ испрати силна порака за прифаќање, разбирање и инклузија.

Во духот на симболиката на овој ден, просторот беше обојан во сино – боја која претставува поддршка, но и секојдневие исполнето со искрени насмевки, различни погледи на светот и постојана борба за прифаќање. Од установата истакнуваат дека овој ден не е само потсетник, туку и прослава на секое дете кое покажува дека комуникацијата не секогаш бара зборови, а љубовта нема граници.

„Аутизмот не е болест која треба да се лекува, туку различен начин на постоење кој треба да се разбере и поддржи“, порачаа од ОУРЦ „Кочо Рацин“, нагласувајќи дека секое дете заслужува можност да учи, да се развива и да биде дел од заедницата.

Во училиштето секојдневно се сведочи на мали, но значајни победи – храброста на децата, посветеноста на наставниците и силата на родителите кои се нивна најголема поддршка. Преку трпение, емпатија и инклузија, како што велат, се гради патот кон посамостоен и достоинствен живот.

Настанот беше поддржан и од гости, меѓу кои заменик градоначалникот Марина Крстиќ, како и Јулијана Мирчевска, Војдан Мавровски и Емилија Дабеска.

Од ОУРЦ „Кочо Рацин“ упатија порака до јавноста: да се носи сино, да се подари насмевка и да се биде глас на оние кои зборуваат со срцето.

Битола денес уште еднаш покажа дека различностите не нè делат, туку нè прават посилни.

















