БИТОЛА ВО РОЗОВО: СО ПРОШЕТКА НИЗ ШИРОК СОКАК ИСПРАТЕНА ПОРАКА ЗА ЗДРАВЈЕ, СИЛА И ПОДДРШКА

од • October 7, 2026 • 0 коментари

Со розови балони, насмевки и силни пораки за грижа, превенција и солидарност, денес, 7 октомври, во Битола се одржа активноста „Движи се за себе! – Розов ден за здравје, сила и поддршка“, во организација на Општина Битола и Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.

Настанот започна со обраќање на заменик-градоначалничката на Битола, Марина Крстич, по што пред присутните се обрати и м-р Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на „Сумнал“.

Потоа учесниците тргнаа на заедничка прошетка од Саат-кулата, преку Широк Сокак, до Градскиот парк, споделувајќи со битолчани пораки за здравје, грижа за себе и поддршка на жените.

Кај спортските реквизити во Градскиот парк беше организирано и кратко симболично вежбање, со порака дека секој чекор и секое движење можат да бидат почеток на поздрави животни навики.

Активноста е дел од одбележувањето на Розов октомври – месец посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка и значењето на информирањето, превенцијата и навремената грижа за здравјето.

Во настанот учествуваа ученици, професори, граѓани и претставници на партнерските организации, меѓу кои СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ – Битола, СОУ „Таки Даскало“ – Битола, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и Ротари клуб „Битола Широк Сокак“.

Активноста се реализираше во рамките на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер-плеј“, финансиран преку програмата Еразмус+ на Европската Унија, преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

🎀 Движи се. Информирај се. Грижи се за себе. Поддржи.

Babam Bitola

Comments are closed.