Во втората половина на 1930-тите години, Битола влегува во нова ера на урбано уредување и инфраструктурен развој. На чело на градот е Владимир Ризев, трговец и претседател на Општината, кој со визија и организација започнува серија проекти што ќе ја променат иднината на градот под Пелистер.
Под негово раководство, Битола добива прв модерен водовод, со кој градот конечно ќе има постојано снабдување со чиста питка вода. Во тоа време, Општината обезбедува заем од два милиона динари од Државната хипотекарна банка, а најголемиот дел од средствата – 1.130.000 динари – се наменети токму за изградбата на водоводот.
Поставени се над 2.000 метри водоводни цевки, а тестирањата покажуваат дека капацитетот на водата е 30 литри во секунда – бројка која за тоа време претставува вистинска револуција во снабдувањето со вода.
Покрај водоводот, Ризев ја најавува и изградбата на првата градска хидроцентрала на реката Злокуќанска, која ќе обезбеди електрична енергија за осветлување на целиот град. Со тоа, Битола ќе биде меѓу првите градови во регионот со целосно улично осветлување.

Паралелно се спроведуваат и други урбани зафати – калдрмисување на улиците, модернизација на пристапот до Железничката станица, како и планирање на нова општинска зграда и реконструкција на хотелот „Босна“, кој треба да стане модерен градски хотел по европски стандарди.
Овие проекти го претвораат градоначалникот Влада Ризевиќ во еден од највизионирските управници на меѓувоена Битола. Неговата работа остава длабока трага во развојот на градот и сведочи дека уште пред речиси еден век, Битола знаела да мисли модерно и да чекори напред.





