На 16ти ноември во Битола се одржа панел дискусијата „Предизвиците со кои се соочуваат родителите на децата со аутизам во новата ера“ поддржана од Бимилк и Општина Битола. Настанот беше организиран од Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства „Порака нова“.
Главниот предавач на настанот беше проф. д-р Владимир Трајковски кој е од Институт за специјална едукација и рехабилитација на Филозофскиот факултет при УКИМ но истовремено е и претседател на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), а со своето предавање отвори многу теми кои ги засегаат родителите кои имаат деца со аутизам.
Овој настан имаше за цел да поттикне поголема свесност за предизвиците со кои се соочуваат родителите и семејствата на децата и лицата со аутистичен спектар на нарушување, а интересот беше исклучително висок.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата со аутизам, нивните родители и семејства, во кои сегменти недостига системска поддршка и како влијае новото време и технологијата врз квалитетот на нивните животи, кои се придобивките а кои ризиците од денешната технологија што можат да имаат влијание, беа само дел од прашањата кои се отворија на панел дискусијата.
„Треба на родителите да им се дава психо-социјална поддршка за да можат да се справат со секојдневните проблеми како дома, така на училиште и во здравствениот систем, бидејќи Македонија назадува во следење на светските трендови во смисла на здравствена заштита и вистинско инклузивно образование” изјави проф. д-р Владимир Трајковски, претседател на Македонското научно здружение за аутизам.
Салата на Советот на Општина Битола беше преполна од посетители кои се засегнати на оваа тема, психолози, педагози, дефектолози, претставници од институции но присутни беа и родителите кои директно се засегнати со оваа проблематика и кои директно ја водат оваа борба со системот.
Бимилк како општествено одговорна компанија, ја зема предвид и улогата во едукацијата и развојот на младите, како и на родителите, во пренесување на знаење и вредности и на тој начин активно учествува во создавање здрава, едуцирана и одговорна младина. Ова е дел од проектите кои Бимилк ги создава и поддржува под платформата „Растеме заедно“ и континуирано ќе продолжи да едуцира за подобра иднина на младите.