Библиотерапијата во фокусот на работилница во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола

од July 10, 2026 0 коментари

Во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола денес се одржа инспиративната работилница „Библиотерапија – кога книгите лекуваат“, која ја водеше психологот м-р Марија Младеновска-Димитровска.

Учесниците имаа можност да разговараат за лековитата моќ на читањето и за улогата на литературата во справувањето со секојдневниот стрес, осаменоста, анксиозноста, емоционалниот замор и животните предизвици. Посебен акцент беше ставен на библиотерапијата како пристап што преку книгите придонесува за личен развој, саморефлексија, емоционална благосостојба и подобро разбирање на сопствените чувства.

На работилницата беа споделени искуства, размислувања и емоции, при што беше истакнато дека книгата не е само извор на знаење, туку и простор за внатрешен дијалог, смирување на умот и развивање на емпатијата.

Од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола упатија благодарност до психологот м-р Марија Младеновска-Димитровска за успешно реализираната работилница и за придонесот во промовирањето на читањето како значаен фактор за менталната благосостојба.

Настанот уште еднаш ја потврди важноста на библиотеките како места каде што, покрај знаењето, се негуваат личниот развој, културата на читање и грижата за менталното здравје.

Babam Bitola

Comments are closed.