БЕСПЛАТНИ ТРЕНИНЗИ ВО БИТОЛА ЗА ЛИЦАТА КОИ СЕ СООЧУВААТ СО РАК – ИНИЦИЈАТИВА ЗА ЗДРАВЈЕ, СИЛА И ПОДДРШКА

од • October 15, 2026 • 0 коментари

Во Битола започнува нова хумана иницијатива наменета за лицата кои се соочуваат со рак, со цел преку приспособена физичка активност, дружење и меѓусебна поддршка да им се помогне во подобрувањето на физичката и психичката благосостојба.

Иницијативата произлезе од средбата „Разговор во розово – здравје, сила и поддршка“, организирана од Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ и Општина Битола.

Во соработка со Стевка Јанковска Петковска, сенсеи V DAN во шотокан карате, здружението „Сумнал“ иницира организирање бесплатни тренинзи за лицата кои се соочуваат со оваа тешка болест.

Тренинзите ќе се одржуваат двапати неделно во просториите на Народна техника во Битола, а ќе опфаќаат индивидуални и групни вежби, приспособени на здравствената состојба и физичките можности на секој учесник.

Предвидени се лесни вежби со сопствена тежина и мали тегови од еден до два килограми, со цел одржување на мускулната сила, подобрување на подвижноста и намалување на стресот. Активностите ќе се реализираат во согласност со препораките на лекарите.

Покрај физичката активност, иницијативата има и важна човечка димензија – создавање простор за разговор, охрабрување, нови пријателства и чувство дека никој не е сам во борбата со болеста.

Пријавувањето е отворено до 31 октомври 2026 година, а учеството е целосно бесплатно.

📞 Информации и пријавување: 072 224 122

Организаторите ги повикуваат граѓаните да ја споделат информацијата за таа да стигне до што повеќе лица на кои ваквата поддршка им е потребна.

💗 Затоа што понекогаш и најмалиот чекор, направен заедно, значи многу.

Babam Bitola

Comments are closed.