Синоќа, стариот Безистен во срцето на Битола повторно оживеа – не како трговски центар, туку како сцена од едно минато време, вплетено во душата на градот. Вечерта посветена на македонската староградска музика беше вистински споменик на културата, емоцијата и убавината на некогашната Битола.
Под тремот од камен и старите сводови, со песните на Ајри Калица, Пепи Јонче и Виолета одекнуваа мелодиите кои некогаш се слушале од чаршијата до Широк Сокак. Секоја песна беше како прошетка низ времето – со мирис на стара Битола, со здивот на љубовта, тагата, радоста и сето она што го носи градската душа.
Она што ја направи вечерта уште поубава беше глетката на еден дел од присутните – облечени во староградскиот стил Ала Франга, со шешири, фустани, елеци и детали што ја враќаа Битола во некое друго време. Тоа не беше само настан. Тоа беше жива слика, жива приказна. Тоа беше почит кон минатото и љубов кон традицијата.
Во такви моменти, Битола не е само град – таа е чувство.
Голема благодарност до генералниот покровител ПРЕМИУМ ПИВО и помалите помагатели ИВЦ Конект, Флекс Кредит, Графопром, Мери Грин Гарден, СН Сервис и Лукас Колор.
Фото Ивона Кочов