Со љубов и посветеност кон најмладите, денес полициските службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај и Одделението за превенција при СВР Битола реализираа едукативна активност на тема „Безбедно во сообраќајот од најрана возраст“ со учениците од ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола.

Во пријатна и интерактивна атмосфера, децата имаа можност да научат како правилно да се движат низ улицата, кога е безбедно да преминат пешачки премин, што значат боите на семафорот и зошто е важно секогаш да бидат внимателни на патот.

Секоја насмевка и секоја подигната рака со точен одговор ја покажаа важноста на овие моменти – затоа што безбедноста на децата нема цена.

На учениците им беше поделен едукативен материјал кој ќе им помогне да го запомнат наученото и да го применат секој ден на пат кон училиштето и домот.

Од училиштето изразија благодарност за поддршката и истакнаа дека оваа соработка со СВР Битола е доказ дека вистинските промени започнуваат од најмалите, преку едукација, грижа и љубов.

За побезбеден сообраќај и посреќно детство – заедно чекориме напред.





