Далечната 1935 гол. капалиште се подигна не во Драгорот, ами и над него, во месноста позната како Црвен Крст (денес Нискоградба). Биле подигнати два базена, едниот за почетници и помали деца, другиот за возрасни. Поголемиот, според дописникот на „Време“ од Битола Т. Маневиќ, ги имал размерите на 3O на 60 метри, што за базените од ова време навистина е претерано. За полнење и за замена вода се користела од воденицата што била педесетина метри погоре. Бидејќи местово било голина и без сенки, Околискиот одбор на Друштвото на Црвениот крст на 2 декември 1935 год., поднел барање до Поглаварството за пошумување. По опстојна дискусија, а на предлог на градоначалникот, Драгиќ Пауновиќ, истото било прифатено .
Следната година од истиот предлагач дошло уште едно барање, во близината да се подигне чешма. И тоа било одобрено, под услов водата да биде проверена и здрава, што ќе рече да биде доведена од блиската општинска чешма. Општината решила да ги покрие трошоците…
“Реката Драгор” проф. Александар Стерјовски