Ашици – легендарната играчка на битолските деца

од April 2, 2026 0 коментари

Во пресрет на Велигден, кога мислите најчесто се насочени кон празничната трпеза, дел од битолчани се враќаат кон спомените од детството, едно поинакво време исполнето со едноставни, но значајни игри. Меѓу нив, посебно место зазема ашикот, играчка која оставила длабока трага во генерации битолчани.

Зборот „ашик“, од турско потекло, означува љубов, мерак или вљубен човек, но во битолскиот контекст претставува многу повеќе – симбол на едно безгрижно детство. Ашикот всушност е коска од задните нозе на брав, овца или јагне, која децата ја користеле за игра.

Во минатото, особено во 60-тите години, речиси и да немало маало во Битола каде што не се играло со ашици. Од Гени маало, Баир маало и Бела чешма, до Широк сокак, Бумбе маало и Арнаут маало – играта со ашици била дел од секојдневието на децата.

Постоеле повеќе видови ашици – живар, варенка, печенка и земјарка, како и поголемиот „салт“ и помалите „џорталчина“. Игрите, како „џорта“ и „форта“, имале свои правила и изрази, додека положбите на ашикот носеле називи како екмек, арка, гок и сете.

Покрај забавата, ашикот оставил трага и во говорот на битолчани. Изреките „Не си играј со мене ашици“ и „Ти ќе си играш ашици со мене“ и денес се користат како симбол на предизвик или предупредување.

Ашикот не е само играчка, туку дел од културното наследство на Битола – потсетник на времето кога детството значеше игра на улица, дружење и чиста радост.

Автор: Стефан Чекутков

Babam Bitola

Comments are closed.