Архитектот што се спротивстави: Писмото на Љубиша Новаковиќ против рушењето на Стариот театар

од May 3, 2026 0 коментари

Во октомври 1979 година, во време кога веќе била донесена одлука за рушење на Стариот театар во Битола, архитектот Љубиша Новаковиќ јавно и аргументирано се спротивставил на таа одлука.

Во писмо испратено до сите тогашни надлежни институции во градот, Новаковиќ предупредува дека одлуката за уривање е прерано донесена и без доволна стручна анализа.

Тој посочува дека новиот Дом на културата во тој момент сè уште не бил завршен, особено делот наменет за театар, што значи дека со рушењето Битола ќе остане без соодветен простор за театарска дејност. Според него, тоа би довело до стагнација и уназадување на културниот живот во градот.

Новаковиќ во писмото користи и народна мудрост, нагласувајќи дека „два пати треба да се мери, а еднаш да се сече“, алудирајќи дека во случајот со театарот се постапува спротивно, без доволно размислување.

Иако признава дека објектот можеби нема висока архитектонска вредност од надвор, тој истакнува дека неговиот ентериер, особено гледалиштето, претставува редок пример на театарска архитектура, граден по европски канони од 18, 19 и почетокот на 20 век. Токму тоа, според него, сведочи за културната отвореност на Битола и нејзиното влијание во регионот.

Архитектот предлага објектот да не се урива, туку да се адаптира и да добие нови функции, мала сцена, експериментален театар, кино сала, концертен простор, па дури и младински културен центар. Според него, театарот можел да продолжи да живее во нова форма, наместо да биде избришан.

Дополнително, Новаковиќ укажува дека одлуката за рушење е донесена без јасна програма за уредување на просторот што ќе остане по уривањето, предупредувајќи дека на тоа место може да се создаде „одбоен простор“ кој нема да одговара на човечките размери.

Во своето обраќање, тој предлага да се формира независна стручна комисија која ќе изработи анализа со две алтернативи: што се добива и губи со рушење, и што се добива и губи со зачувување и вклопување на театарот во новиот урбан план.

Новаковиќ изразува уверување дека постои можност стариот театар да се адаптира и да се вклопи во просторот со новиот Дом на културата, создавајќи функционална и естетска целина.

И покрај неговите аргументи и предлози, одлуката за рушење останала на сила.

Денес, ова писмо останува како силен доказ за една професионална и човечка борба, борба за зачувување на културното наследство, идентитетот и душата на Битола.

Babam Bitola

Comments are closed.