Архимандрит Партениј, игумен на Бигорската Обител ја доби највисоката почесна награда што ја доделува Европскиот парламент – „Граѓанин на Европа“.

Отец Партениј е еден од 50-те лауреати на највисоката почесна награда и тој бил номиниран од европратеникот од пратеничката група ЕНП/ГЕРБ, Андреј Ковачев.
-Ја покренав кандидатурата на Архимандрит Партениј, не само поради неговата постојана поддршка за надминување на негативните меѓусоседски односи на Балканот и поспецијално за неговата активна дејност во однос на потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија. Тој и неговото монашко братство на Бигорскиот манастир ги поддржаа и благословија напорите на двете држави да ги надминат политичките разлики, натрупувани со години. Номинацијата беше првоначално одобрена од бугарското жири со поддршката на моите колеги Асим Адемов, Ангел Джамбазки и Илхан Кјучук, а потоа одобрена и од општоевропското жири“, вели Андреј Ковачев.

-Архимандрит Партениј се занимава со хуманитарна дејност и укажување на духовна и материјална поткрепа, како на поединци така и на цели семејства. Особено е значајна мисијата на Архимандрит Партениј за лекување и ресоцијализација на лица, првенствено од помладите генерации, коишто западнале во тешките пороци на наркоманијата, алкохолизмот и сл. Илјадници млади, под духовната закрила на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од тие зависности, но и повторно да се интегрираат во општеството. Архимандрит Партениј развива широка општествена дејност, организира концерти и предавања во областа на културното наследство и хуманитарните вредности, не само во регионот на Бигорскиот Манастир, но и во Македонија, Бугарија, Грција и регионот. На тој начин тој допринесува за зацврстувањето на европскиот дух и вредности на луѓето во регионот. Преку својата дејност, Архимандрит Партениј го поттикнува надминувањето на внатрешните поделби меѓу граѓаните на Македонија, како и нивната подобра интеграција со граѓаните на соседните држави, стои во образложението од Ковечев за номинацијата на отец Партениј.Од 2008 година Европскиот парламент ја доделува наградата на граѓани и организации, коишто дале значителен придонес или исклучителна посветеност за подобро взаемно разбирање и потесна интеграција меѓу граѓаните на ЕУ, или за олеснувањето на прекуграничната и транснационалната соработка во ЕУ; придонес за долгорочна, прекугранична и транснационална културна соработка што го зацврстува европскиот дух; за негување на вредностите опишани во Повелата за основните човекови права во Европската унија. Таа има форма на почесен медал и има симболичен израз. Жирито на европското ниво ја направи селекцијата од 50-те лауреати од целата Европска Унија, но и надвор од неа.

Архимандрит Партениј станува првиот граѓанин на Република Македонија којшто ја добива оваа највисока почест на европскиот парламент – „Европски граѓанин“