Анегдотите и по тематика и по содржина им се блиски на новелите, всушност разликата меѓу нив повеќе е формална, заради што понекогаш и тешко е да се направи дистинкција. Ако се инсистира на разликите, може да се каже дека анегдотите се поконцизни и со поизразита хумористична нагласка. Биле омилен жанр и во руралната и во градска средина, зашто ги третирале смешните страни од животот. Преку нив се критикуваат мрзеливоста, глупоста, површноста, а остромноста и досетливоста се истакнуваат како доблести. Итар Пејо и Настредин Оџа се најпознатите ликови од македонските анегдоти.
Неколку кои потекнуваат од битолското фолклорно подрачје поврзани се и со Драгорот. Го отсликуваат катадневниот животот во Битола со една посебна, смешна интонација.
Една го чува споменот на Дембел Чаршија и на нејзината специфична клиентела. Успеала да го скицира и посебниот битолски менталитет, низ една посебна призма, обоена и со малку блага критика. Настан што му е близок на анегдотава, всушност, има и реална подлога и се поврзува со влашкиот кнез Влад, крволочниот турски вазал од средината на 15 век, попознат како гроф Дракула.
Друга анегдота го чува споменот на Мехмед Петти Решад на Битола и го скицира неговиот лик во една сосема поинаква светлина. Сега е обичен човек, сведен на познаник од соседното маало, со човечки слабости и со страсти. Анегдотата, меѓутоа, говори и за битолчани, за нивните навики и за битолското катадневие што течело покрај Драгорот.
Анегдотата за момокот и бегот, иако е поврзана и со Драгорот, всушност, повеќе говори за животот на бројната категорија млади лу|е позната како момоци. Нивната тешка мака е во центарот на вниманието. Како и во останатите и во оваа момокот со бистра памет и итрина го надмудрува својот газда. Во случајов газдата е – Османлија.
Евреите во Битола и заради доброволната самоизолираност и заради специфичниот начин на живот, како и заради антисемитизмот што ги следел каде и да се појават, биле благородна тема за куп анегдоти. Скоро во сите се предмет за подбив. Во тој круг припаѓа и анегдотата “Ојде по петело”, со која истовремено се појаснува и настануваwето на истоимената и многу фрекфентна поговорка.