Одлични вести од Софија. Битолчанецот Ален Рустемовски обезбеди пласман во четвртфиналето на Европското сениорско првенство во бокс, откако денеска во категоријата до 60 килограми го совлада англискиот репрезентативец Вилијам Хјуит со 4:1.
Рустемовски првенството го започна убедливо. Во првата борба го совлада Беник Мелкумијан од Луксембург со чисти 5:0, а денешниот триумф го донесе меѓу осумте најдобри боксери на континенталниот шампионат во својата категорија.
Сега следува најважниот меч – четвртфиналето на 23 септември. Уште една победа ќе значи пласман во полуфиналето и обезбеден најмалку бронзен европски медал. Со денешниот успех Ален освои и 150 рејтинг-поени.
Успехот добива дополнителна тежина ако се знае дека на Европското првенство во Софија настапуваат околу 400 боксери и боксерки од 40 држави.
Рустемовски веќе има европско сребро до 23 години од Ереван и бронза од Медитеранските игри во Таранто, а сега пред него е можност за уште еден голем резултат на сениорската сцена.
Битола има за кого да навива на 23 септември.
