Американскиот Црвен крст во Битола 1919: Луѓето што помогнаа градот да застане на нозе

од April 3, 2026 0 коментари

По завршувањето на Првата светска војна, Битола беше еден од најразурнатите градови на Балканот – со уништена инфраструктура, сиромаштија и сериозни здравствени кризи. Во тие тешки години, значајна улога во обновата на градот имал персоналот на Американскиот Црвен крст, кој пристигнува во Битола во 1919 година.

Нивната помош не била само хуманитарна, туку и суштинска за повторното заживување на градот. Тие активно учествувале во отворање на првите модерни амбуланти и медицински ординации, организирале здравствена грижа за населението, но и донеле новини кои значеле напредок за локалната заедница – меѓу нив и првите трактори и комбајни, кои помогнале во обновата на земјоделството.

Особено се истакнува ликот на д-р Реџина Флуд Кис, една од најпосветените членки на мисијата, која со својата работа оставила длабока трага меѓу битолчани. Како знак на благодарност и почит, од своите домаќини добила и комплетна македонска народна носија – симбол на пријателството меѓу народите.

Присуството на Американскиот Црвен крст во Битола било дел од пошироката мисија на организацијата на Балканот, каде што по војната се бореле против епидемии како тифус и шпански грип, обезбедувале храна, лекови и медицинска едукација за локалното население.

Оваа фотографија, колоризирана од „Македонија во боја“, претставува редок и вреден документ за едно време кога солидарноста и човечноста биле клучни за опстанокот и иднината на Битола.

Babam Bitola

Comments are closed.