АК Олимп од Битола со 19 медали на Националното првенство на Македонија

од June 29, 2026 0 коментари

Атлетскиот клуб Олимп уште еднаш го потврди својот квалитет на Националното првенство на Македонија, освојувајќи вкупно 19 пласмани на подиумот: 7 златни, 8 сребрени и 4 бронзени медали, како и повеќе финални пласмани меѓу најдобрите македонски атлетичари.

Најуспешна поединка беше Адријана Поп Арсова Рашиќ, која освои две шампионски титули на 3000 и 5000 метри, како и две сребрени медали на 800 и 1500 метри, потврдувајќи ја својата доминација во дисциплините на средни и долги патеки.

Двоен државен шампион стана и Григоријан Никовски, кој триумфираше на 1500 и 3000 метри, а настапот го заокружи и со сребрен медал на 3000 метри стиплчез.

Одличен настап имаше и Дарија Крстевска, која ја освои титулата на 800 метри и сребрениот медал на 5000 метри, додека Ирма Хајдари стана државна шампионка на 1500 метри и вицешампионка на 3000 метри.

Со два сребрени медали се закити и Бојан Чаприќ, кој беше второпласиран на 800 и 1500 метри, а Магдалена Станковска освои две бронзени одличја на 800 и 5000 метри.

Меѓу финалистите се најдоа и Максим Пауер, кој го освои петтото место на 1500 метри, Матеа Матеска, петтопласирана во скок во височина, како и Насе Епов, кој го освои деветтото место на 5000 метри.

Значаен придонес во вкупниот успех дадоа и штафетните состави на АК Олимп. Машката штафета во состав Максим Пауер, Григоријан Никовски, Насе Епов и Бојан Чаприќ го освои првото место во дисциплината 4×400 метри, додека женската штафета, составена од Матеа Матеска, Адријана Поп Арсова Рашиќ, Магдалена Станковска и Дарија Крстевска, го освои сребрениот медал.

Со вкупно 19 медали – 7 златни, 8 сребрени и 4 бронзени, АК Олимп од Битола уште еднаш потврди дека е еден од најуспешните и најконкурентните атлетски клубови во државата, продолжувајќи да создава врвни резултати и шампиони на националната сцена.

Од клубот упатија честитки до сите атлетичари, тренери и членови на стручниот тим за посветеноста, дисциплината и резултатите со кои достојно го претставија АК Олимп на Националното првенство на Македонија.

Babam Bitola

Comments are closed.