Извадок од книгата „Градби“ на Александар Стерјовски – поглавје „Аеродром“

Аеродромот во Битола не бил создаден како резултат на воена стратегија, туку како плод на мирновременски ентузијазам и младински занес кон авијацијата. Масовната фасцинација на помладите битолчани кон височините и авионите ја поттикнала идејата градот да добие сопствено леталиште, иако времето ќе покаже дека воената намена неминовно ќе го допре.

Сè започнува во октомври 1928 година, кога во Скопје е основан првиот аероклуб во Македонија и е набавен првиот авион. Летовите и акробациите на рускиот емигрант и воен пилот Јарошенко предизвикале вистинска авијациска еуфорија. Наскоро, низ повеќе градови се формирале нови аероклубови, меѓу кои и битолскиот, кој го носел името „Наши крилја“.

Иако во почетокот активностите биле скромни, по 1933 година клубот покажал значително раздвижување. Се формирале моделарски секции, се појавил интерес за набавка на сопствен авион, а честите аеромитинзи дополнително го засилиле ентузијазмот. Но, за сонот да стане реалност, бил потребен аеродром.

Во април 1934 година, раководството на клубот побарало од локалната самоуправа 12 хектари општинско земјиште. Одговорот пристигнал дури во ноември 1935 година, и тоа со изненадување: наместо 12, биле доделени 24 хектари во атарот на Горно Оризари. Земјиштето, сепак, формално ѝ било отстапено на Командата за воздухопловство во Битола, што веќе навестувало дека проектот добива и стратешка димензија во време на растечка предвоена психоза.

Аеродромот бил уреден според стручни стандарди – со хангар, телефонска врска со градот и уредена писта. Освен за аеромитинзи, повремено служел и за слетување на патнички авиони, особено на линијата Скопје–Солун, најчесто од пропагандни причини.

Но, со заострувањето на политичките состојби во Европа и приближувањето на Втората светска војна, воздушните забави престанале. Аеродромот постепено преминал во воена функција. Два ловечки авиони биле стационирани како заштита, особено по италијанското бомбардирање на Битола на 5 ноември 1940 година, кога градот претрпел значителни материјални штети и човечки жртви.

По април 1941 година, новите бугарски власти го задржале значењето на леталиштето и вложиле средства за негово одржување. Аеродромот продолжил да функционира и по ослободувањето, но неговата историја била релативно кратка.

Денес, на местото каде што некогаш полетувале авионите и каде што битолчани со восхит ги следеле небесните бравурии, се наоѓаат Новите градски гробишта, тивок потсетник дека градот, како и историјата, ги менува своите хоризонти.